Резултати од пребарување

Во конкуренција на 80 учесници од 15 тима, студентите на ФИНКИ, Бобан Блажевски, Иван Стојановски и Стефан Стојковски кои го сочинуваа тимот на CABICO победија на овогодинешното издание на Startup Weekend Skopje. Настанот се одржа од 28ми до 30ти октомври во Скопје.Тимот на CABICO креираше мобилна платформа за брзо повикување или закажување на такси превоз во одреден временски период со можност за ride-sharing на такси превозот и без-готовинско плаќање. Платформата е креирана на Android и iOS, со посебни апликации за возачи и корисници.
Им посакуваме успешна реализација на прототипот во продукт!

На 05.11.2016 (сабота) од 13:30 до 19:00 часот во просториите на ФИНКИ ќе се одржи TEDxCERN Live Broadcast @ TEDxSeptemvriskaSesijaSalon на тема „Ripples of Curiosity”. Домаќин на настанот е Центарот за Социјални Иновации при ФИНКИ. Целта на настанот е да се овозможи на локалната заедница во живо да проследи еден од најзначајните TEDx настани на глобално ниво - 4-тото издание на ТEDxCERN, а притоа преку дискусија помеѓу учесниците да се развие дискусија за темите кои ќе бидат отворени во говорите одржани на TEDxCERN.
Темата „Ripples of Curiosity“ ќе го отвори прашањето и ќе покрене дискусија за тоа дали е потребно вклучување на сите учесници од повеќе сфери и области на интерес во општествотo во процесот на изнаоѓање иновативни и креативни решенија кои би функционирале на нашето поднебје, со цел решавање на проблемите со кои се соочуваме во денешницата.
Во прилог може да го погледнете и официјалното соопштение.
За присуство на настанот, сите заинтересирани е потребно да пополнат апликационен формулар поставен на следниот линк.
Учеството на настанот е бесплатно но бројот на учесници кои ќе бидат селектирани е ограничен на 30. Крајниот рок за аплицирање е 03.11.2016, 12:00 часот, пладне.
Официјален Facebook event: Линк
Документ | Големина на документ |
---|---|
![]() | 461.54 KB |

Град Скопје објавува повик на тема Еден Поинаков ден во Скопје. За таа цел се покануваат сите заинтересирани студенти на ФИНКИ да пријават свои идеи за дневна рута на тема: Како да поминеме еден поинаков -“зелен“ ден во Скопје?. Повикот се реализира како една од мерките за ублажување на климатските промени во рамки на стратегијата “Отпорно Скопје“, Стратегија на Град Скопје за климатски промени и урбана отпорност.
Рокот за пријавување на идеите е до недела, 6 ноември 2016. Пријавите се доставуваат на емаил адресата: infoekologija@skopje.gov.mk
Победничката рута ќе биде објавена на 13 ноември. Наградата е велосипед на расклопување кој совршено се вклопува во градскиот живот.
Повеќе информации може да најдете на следниот линк.

Во петок на 23 септември со почеток во 11:00 ќе се одржи првата од серијата инфо сесии на која сите заинтересирани ќе можат да чујат повеќе детали за процесот на аплицирање за натпреварите „Скопски автобуски хакатон“ и „Паметна автобуска постојка“. Сесијата е планирано да биде интерактивна, односно сите присутни ќе можат да се вклучат со прашања. Исто така ќе има и кафе дружење по завршување на настанот.
ЛОКАЦИЈА:
Амфитетар ФИНКИ во рамки на Технолошко Металуршки Факултет Скопје (https://goo.gl/tKFFqN)
Агенда на настанот:
- 11:00 – 11:10 – Претставување на натпреварите- Јасмина Поповска, Фонд за иновации и технолошки развој и Игор Јанушев, ЈСП Скопје
- 11:10 – 11:20 Преставување на техничкиот дел за „Скопски Автобуски хакатон“ – проф. др. Иван Чорбев, ФИНКИ
- 11:20 – 11:30 Преставување на техничкиот дел за прототип натпреварот „Паметна автобуска постојка“ – Атанас Кочов, Машински Факултет Скопје
- 11:30 – 11:50 Генерирање на идеи/Brainstorming – Јасмина Белчовска Тасевска, UNDP
- 11:50 – 12:00 Прашања
*во Social Innovation Hub (http://
12:00 – 13:00 Кафе дружење и потенцијално креирање на тимови
Во меѓувреме, сите заинтересирани можат да аплицираат на натпреварите:
– „Скопски автобуски хакатон“ > http://jsphakaton.mk/
– „Паметна автобуска постојка“ > https://goo.gl/LGp9Mb
Повеќе информации може да најдете на официјалниот настан на Facebook.

Почитувани бруцоши, ни претставува особена чест да ве поканиме да присуствувате на првиот акдемски час за академската 2016/2017 година на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Првиот час ќе се одржи во Дом на АРМ на 15.09.2016 година, со почеток во 11:00 часот.
Ни претставува особена чест и задоволство што првиот час на ФИНКИ ќе го отвори ректорот на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј", проф. д-р Никола Јанкуловски.
Редовната настава на факултетот започнува на 19.9.2016 (понеделник). Распоредот ќе биде дополнително објавен.

Од оваа година ФИНКИ обезбедува стипендии за ослободување од школарината до 30% за запишување на втор циклус на студии за студентите кои дипломирале на ФИНКИ. Стипендиите се организирани во следните категории:
- 10% стипендирање на школарина за студенти кои дипломирале со просечен успех поголем од 7.0
- 15% стипендирање на школарина за студенти кои дипломирале со просечен успех поголем од 8.0
- 20% стипендирање на школарина за студенти кои дипломирале со просечен успех поголем од 9.0
- 30% стипендирање на школарина за студенти кои дипломирале со просечен успех поголем од 9.5.
Квотите за упис на нови студенти на втор циклус, роковите, студиските програми и условите за запишување може да ги видите во соопштението за упис на нови студенти на втор циклус на студии објавен во делот Огласна табла на сајтот или на следниот линк.

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во периодот од 29 август до 07 септември 2016, организира подготвителна настава по математика и програмирање. Подготвителната настава се организира со цел да им помогне на новите студенти полесно да ја следат наставата по предметите од математика и програмирање во првата година на студирање.
Подготвителната настава претставува одлична можност студентите да увидат кои предзнаења се неопходни за совладување на курсевите од првите семестри, како и да го надополнат и освежат своето знаење од математика и програмирање.
Наставата ќе се организира доколку се пријават доволно студенти за формирање на група за секој од двата курса.
Предвидено е дневно да се реализираат по 6 часа настава и вежби во групи од 18 до 32 студенти. Наставата ќе се реализира со почеток од 9 часот и со поголема пауза помеѓу првиот и вториот блок од 3 часа, за да овозможи време и за дополнително самостојно вежбање на изучените концепти, за што ќе биде обезбедена и соодветна просторија.
Курсот по математика ќе се реализира во текот на 6 дена (40 часа), додека курсот по програмирање ќе се реализира во текот на 5 дена (20 часа). Цената за следење на курсот по математика изнесува 4000 денари. Цената за следење на курсот по програмирање е 2000 денари.
Студентите кои планираат да проследат некој од курсевите (еден или и двата) треба да се пријават најдоцна до среда 24.08.2016 до 16 часот преку пополнување на следнава форма.
Подетални информации може да добиете на следниот маил: podgotvitelna@finki.ukim.mk.
Сите студенти кои се пријавиле за следење на наставата во предвидениот рок, ќе бидат известени најдоцна до сабота 27.08 до 18:30 со е-порака на е-адресата која ја внеле во пријавата, дали се активирани групите и дали наставата ќе започне.
Во продолжение следат кратки содржини на материјалот за подготвителната настава по математика и програмирање.
Наставата по математика опфаќа значајни делови од материјалот изучуван во основно и средно образование.
Опис на темите кои ќе се обработат:
1. Основни бројни множества. Алгебарски и рационални изрази (6+1 часа)
- Основни бројни множества
- Природни броеви: преглед на операциите и законите, прости и заемно прости броеви, деливост
- Бројни системи, декаден и бинарен броен систем
- Цели броеви: преглед на операциите, подредување - Рационални броеви: преглед на операциите со дропки, децимални броеви, бесконечни децимални броеви
- Реални броеви: поим, геометриско претставување, подредување.
- Алгебарски и рационални изрази
- Степен со показател природен број, операции со степени
- Цели рационални изрази; мономи, полиноми; операции, разложување на множители, НЗС и НЗД
- Дробно рационални изрази: поим и операции
2. Линеарна функција, линеарни равенки и неравенки. Систем линеарни равенки (6+1)
- Линеарна функција, линеарни равенки и неравенки
- Правоаголен координатен систем во рамнина, Реална функција; дефинициона област, множество вредности
- Линеарна функција, тек и график
- Линеарна равенка со една непозната; решавање, дискусија и примена
- Линеарна неравенка со една непозната; решавање
- Систем линеарни равенки
- Систем од две линеарни равенки со две непознати; еквивалентност
- Методи за решавање систем од две линеарни равенки со две непознати
- Систем линеарни неравенки со една непозната; решавање
- Равенки со апсолутни вредности
- Апсолутна вредност на реален број
- Равенки со апсолутни вредности
- Неравенки со апсолутни вредности
3. Квадратни равенки и неравенки, степени и корени (6+1)
- Квадратни равенки
- Решавање на полна квадратна равенка
- Решавање на неполна квадратна равенка
- Дискусија на решанијата на полна квадратна равенка
- Квадратна функција и квадратна неравенка
- Квадратна функција, својства и график
- Квадратна неравенка со една непозната
- Степени и корени
- Степен со показател цел број;
- Корен: поим, проширување и скратување, Коренување на производ и количник; степенување и коренување на корен;
- Нормален вид на корен; ирационални изрази; операции
- Рационализација на именител на дропка
- Степен со показател рационален број
4. Степени и корени. Логаритамски функции. Тригонометриски функции. (6+1)
- Логаритамска функција
- Правила за логаритмирање,
- Врски меѓу логаритми со различни основи
- Тригонометрија
- Тригонометриски функции од остар агол
- Врски меѓу тригонометриските функци од ист агол
- вредност на тригонометриските функции за некои агли
- Решавање на правоаголен триаголник, Дефиниции на тригонометриските функции синус, косинус, тангенс и котангенс од произволен агол,
- Вредност на тригонометриските функции синус, косинус, тангенс и котангенс од произволен агол
5. Математичка логика (6+1)
- Искази; операции со искази
- Операции со искази и вистинитосни таблици
- Исказни формули и Тафтологии
- Преведување на реченици од говорен јазик во логички исказни формули
- Исказни функции
- Поим и решение на исказна функција
- Квантификатори
- Аксиоми, теореми, докази
- Докажување на едноставни математички задачи
6. Множества и Комбинаторика. (6+1)
- Множества;
- Подмножества и еднаквост на множества
- операции со множества
- Комбинаторика
- Индукција,
- комбинации, пермутации, варијации,
- биномна формула
Наставата по програмирање опфаќа значајни делови од материјалот изучуван во средно образование, а вклучува и методи за полесно совладување на алгоритамските концепти.
Тема 1: Алгоритми и програмирање
Поим за алгоритам. Разгледување едноставни алгоритми и изработка на пример алгоритми. Начини за совладување на алгоритамските концепти. Алатки за почетничко програмирање. Запознавање со Scratch.
Тема 2: Интегрирани околини за развој. Code::Blocks
Програмирање. Елементи на околините за програмирање: преведувач, поврзувач, дебагер, библиотеки со стандардни функции. Code::Blocks: инсталација, опис на изгледот на околината: главен прозорец, работна површина. Креирање на нов проект и додавање на изворна датотека во проект. Изградба и извршување на проект.
Тема 3: Вовед во програмскиот јазик C/C++
Почетоци и подобрувања на C++. Синтакса на C++: азбука, зборови, посебни симболи и коментари. Претпроцесор и заглавишни датотеки (анг. header files). Вклучување на датотека со директивата include. Типови на податоци во C++: основни (char, int, float, double, bool) и апстрактни. Изрази и искази во C++. Променливи и нивно декларирање. Структура на програмите во C++. Оператори во C++: аритметички, за доделување, инкремент и декремент (префиксен, постфиксен), релациони, логички оператори. Влезно излезни операции: cin и cout. Примери на едноставни C++ програми.
Тема 4: Редоследна структура. Изработка на едноставни програми
Редоследна структура, блок од наредби. Празна наредба. Изработка на едноставни C++ програми.
Тема 5: Контролни структури. Наредби за избор
Контролни искази: наредби за избор, наредби за повторување и наредби за скок. Наредби за избор: if, if-else и switch. Вгнездување на if наредби. Примери на C++ програми со примена на наредбите за избор.
Тема 6: Наредби за повторување
Наредбата while – реализација на контролната структура додека-извршувај. Примери за примена на наредбата while. Наредбата do-while – реализација на контролната структура повторувај-додека. Примери за примена на наредбата do-while. Наредбата for – реализација на контролната структура за-до-чекор. Примери за примена на наредбата for. Наредби за скок: break и continue.
Тема 7: Еднодимензионална низа
Низите како податочни структури. Декларирање на низа. Пристап до елемент на низа – индекси на елементи. Иницијализација на низа. Примери на C++ програми со примена на низи.
Тема 8*: Текстуални низи – стрингови
Претставување на стрингови во C++. Визуелно претставување на меморија зафатена од стринг. Доделување на вредност на стринг. Читање и прикажување на стрингови. Добивање на знак од стринг. Менување на дел од стринг. Поминување низ стринг и определување на должина на стринг. Некои корисни функции во C++ за работа со стрингови: strlen(), strcpy(), strcat() и strcmp(). Примери на C++ програми со примена на стрингови.
(* ќе биде делумно реализирана, во зависност од постигнувањата на студентите во претходните теми)

На Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство специјален гостин беше 13 годишниот генијалец Матеј Плавевски. Матеј неодамна зема учество во иновацискиот камп за климатски промени организиран од УНДП и УСАИД, во партнерство со Амбасадата на Шведска, Министерството за животна средина и просторно планирање, Милиеуконтакт Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, како специјален и најмлад учесник и со својата генијална идеја го привлече вниманието на јавноста и ФИНКИ.
Неговата идеја е употреба на дрон со специјални сензори за редовно мерење на различните нивоа на загадување во различни локации и време. Со тоа Матеј сака да допринесе во носење подобро информирани одлуки во борбата против загадувањето во главниот град. ФИНКИ со неговата опрема и персонал ќе му помогне на Матеј во реализирање на неговата идеја.
Имено, на ФИНКИ беа направени првите пробни мерења на спортскиот аеродром Стенковец, каде Матеј имаше можност да лета професионален дрон и да ги собере резултатите од сензорот за PM честички за да може во наредниот период да ја изгради својата платформа. Дека идејата е остварлива и интересна потврдува и фактот дека Кина од минатата година развива нов пристап за борба против огромното загадување на воздухот со дронови (http://time.com/2950261/china-drones-pollution/).
Во разговор со деканот на ФИНКИ, проф. д-р Иван Чорбев, Матеј нагласи дека негова специјалност е програмирањето во Python, Javascript, HTML5 и CSS3, како и дека и покрај неговите интереси за информатиката и математиката, наоѓа време за дружење со другарчињата, свирење гитара, патувања и дека моментално работи на неколку самостојни софтверски проекти, како на пример паметно огледало.
Навистина, Матеј донесе уникатно освежување и ФИНКИ ќе ја продолжи понатамошната соработка со Матеј со цел реализирање на неговите генијални идеи и негово понатамошно усовршување.

Овој викенд во Скопје, на климатскиот камп, 9 тимови ќе се натпреваруваат за награда од 10.000 долари за борба против климатските промени и поттикнување на урбаната отпорност.
Во април годинава, УНДП и УСАИД објавија предизвик до сите граѓани да предложат иновативни идеи за справување со климатските промени. Организиран во партнерство со Амбасадата на Шведска, Министерството за животна средина и просторно планирање, Милиеуконтакт Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, предизвикот има за цел да ги искористи талентите на граѓаните како поддршка во остварување на Глобалните цели за одржлив развој поврзани со климатски промени и одржливи градови.
„Борбата против климатските промени е една од седумнаесетте Глобални цели усвоени од сите земји членки на Обединетите нации минатата година", изјави постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон. "Секоја земја и секој поединец има улога во оваа борба. Политиките и заложбите треба да се преточат во конкретни активности преку свежи идеи и ангажман од сите страни за нашите градови да станат побезбедни, позелени и почисти”.
„Фокусирани сме на урбаната отпорност бидејќи порастот на популацијата и урбанизацијата вршат сериозен притисок врз нашите градови. Проценките укажуваат дека до 2050 година, 70% од светската популација, или 6,3 милијарди луѓе ќе живеат во градовите, зголемувајќи ја побарувачката за енергија и загадувањето на воздухот,” изјави директорот на мисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стајн. Во своето директно обраќање до финалистите додаде „Во сржта на овој отворен собир е активното учество на секој од вас, и на вашите заложби да ги преточите идеите во конкретни проекти кои ќе донесат вистинска промена.”
Повеќе од 60 идеи беа испратени за натпреварот, од кои 9-те најдобри се најдоа во потесниот избор за понатамошен развој.
Со среќа на сите и останете информирани за новостите од #ОдТебеЗависи.

На 08.06.2016 (среда) од 19:00 до 21:00 часот во просториите на ФИНКИ, односно во Регионалниот центар за социјални иновации на ФИНКИ во Скопје ќе се оддржи последниот од серијата шест TEDxSeptemvriskaSesijaSalon на тема "Дали технологијата може да ги реши најголемите човекови предизвици?". Настанот е предводен од страна на група волонтери и со поддршка од ФИНКИ, Social Innovation Hub, Бизнис Академија Смилевски и Smart Up – Creating the geeks of tomorrow.
На официјалниот лиценциран настан на TEDxSeptemvriskaSesijaSalon ќе се прикажат 2 TED говори, проследени со панел дискусија. Целта на овој настан е едуцирање меѓу учесниците подетално за тоа што претставува иднината на технолошките иновации, кои се нивните очекувани резултати и што точно се случува моментално во светот и кај нас на ова поле и сето тоа преку стимулирање на дискусија помеѓу учесниците. Главната идеја на настанот е преку интересни теми да се стимулираат љубителите на добра дискусија да се соберат на едно место и да се вмрежат, а истовремено и да научат нешто ново. Поканети гости на овој настан ќе бидат вонр. проф. д-р Иван Чорбев од ФИНКИ и Хајан Селамни од ХАСЕЛТ.
Сите заинтересирани може да аплицираат на следниот линк: http://goo.gl/
Капацитетот е 25 учесници, а крајниот рок за апликација е 6.6.2016 до 12:00 часот.