Го имаме задоволството да ве известиме дека Бојан Велјановски, студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, е еден од говорниците на овогодинешниот настан на Microsoft - Визија!
Бојан Велјановски е студент во последна година од студии, на студиската програма Професионални студии по информатика, популарно позната како ИНФО. Тој e Microsoft Student Partner веќе втора година и е еден од основачите и лидер на Finki Tech Club, технички клуб при Факултетот, како и freelance software developer. Има работено на неколку проекти изминативе 2 години со ASP.NET WebForms и MVC технологиите. Негова пасија се веб и cloud технологии. Заинтересиран е за дизајн, архитектура и развој на софтвер, нови технологии и блогирање.
 
Неговото предавање, насловено како „Developing single page applications using ASP.NET MVC and KnockoutJS“, ќе се оддржи на настанот Визија 10, кој што е најголемиот IT настан во Република Македонија, а и еден од најголемите настани од тој карактер во регионот.
Настанот, кој што се одржува по десетти пат, ќе биде ситуиран на 24 и 25 октомври во хотелот Александар Палас, претставува место каде што сите развивачи на софтвер, ИТ професионалци и претприемачи во индустријата можат да дојдат, да се запознаат со најновите технологии и практики од Microsoft, презентирани од врвните експерти за соодветните технологии. Студентите на ФИНКИ ќе можат да учествуваат на настанот, по промотивна цена од 1.200 денари, што е значително помала од редовната цена (7.500 денари).
Инаку, Техничкиот клуб при ФИНКИ е студентски клуб организиран и спонзориран од Microsoft. Вакви клубови постојат на сите поголеми универзитети низ светот, а во нив студентите имаат можност да се запознаат со актуелните Microsoft технологии, начинот за нивната употреба, да ги презентираат своите знаења и апликации пред останатите студенти, да учествуваат во натпреварувања и настани од типот на WOWZAPP и Imagine Cup. Повеќе информации за клубот, членовите и активностите можете да најдете на Facebook фан страната на клубот.
Неколку студенти од ФИНКИ имаат можност да учествуваат во организацијата на овој настан. Четворица студенти работат во поставување и одржување на мрежната инфраструктура потребна за одржување на сесиите. Студентите имаат можност да работат со луѓе кои се експерти на тоа поле. Исто така двајца студенти се веб администратори на Визија и имаат за задача да ја одржуваат содржината на веб страната и профилите на социјалните мрежи на Визија.