Повик за учество на креативниот натпревар „Кликни Безбедно!“
Дали си полн со идеи, мотивиран и подготвен да направиш позитивна промена во дигиталниот свет? Пријави се на националниот креативен натпревар „Кликни Безбедно!“, кој ќе се одржи на 10 и 11 мај 2025 година во Скопје, како дел од проектот МКSafeNet.
Што претставува „Кликни Безбедно!“?
Ова е дводневен хакатон наменет за средношколци на возраст од 16 години нагоре од сите јавни и приватни училишта во земјата. Целта е развој на креативни дигитални содржини или софтверски решенија кои промовираат безбедно и одговорно користење на интернетот – за млади, наставници, родители и пошироката јавност.
Тимовите треба да бидат составени од 2 до 4 учесници, со можност за менторска поддршка од наставник.
Прифатливи формати на решенија се: видеа, анимации, игри, инфографици, дигитални алатки и сè што е иновативно и ја подига дигиталната свест кај младите.
Идеи за развој:
Еве неколку насоки што може да ви помогнат во осмислувањето на проектот:
  • Развивање на едукативни алатки за дигитална безбедност: Интерактивни дигитални решенија кои ја подигнуваат свеста за ризиците на интернет и ги учат добрите практики за безбедно користење на интернет.
  • Поддршка на дигитална писменост „peer-to-peer“: Решенија кои ќе ги поттикнат младите да си помагаат и да се едуцираат меѓусебно за безбедно и одговорно однесување на интернет.
  • Борба против дезинформации и дигитална манипулација: Решенија/Идеи за откривање, критичко размислување и подигање на свеста за лажни или штетни содржини на интернет.
  • Промовирање на здрави и врамнотежени дигитални навики. Работете на идеи кои им помагаат на целните групи да развијат внимателен и позитивен однос со технологијата и онлајн светот.
  • Подобрување на соработката помеѓу учениците, наставниците и родителите. Развијте концепти кои ја зајакнуваат соработката и комуникацијата околу безбедноста на интернет помеѓу училиштата, семејствата и младите луѓе. 
 Начини на реализација:
  • Креирање на интерактивни содржини: видеа, квизови, симулации, едукативни игри
  • Вклучување на вештачка интелигенција за зголемување на дигиталната безбедност
  • Дизајнирање паметни алатки за побезбедни онлајн простори во училиштата
Овие се само насоки – бидете слободни и креативни!
Клучни датуми:
  • Краен рок за пријавување: 30 април 2025
  • Објава на избраните тимови: 2 мај 2025
  • Натпреварот ќе се одржи: 10 и 11 мај 2025 во ФИНКИ, Скопје
     
ПРИЈАВУВАЊЕ
Како да се пријавиш?
 Сите заинтересирани тимови можат да ја поднесат својата апликација преку следниот линк - ФОРМА ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ
За повеќе информации контактирајте не на:  mksafenet@mdt.gov.mk 
 
ЗА ПРОЕКТОТ MKSAFENET
Проектот MKSAFENET го спроведува Министерството за дигитална трансформација (МДТ) и проектните партнери или Конзорциум, вклучувајќи го и ФИНКИ. Проектот е кофинансиран од Европската Унија и Националните фондови на Република Северна Македонија.
 Заедно можеме да создадеме подобра и побезбедна дигитална иднина!
 
 Вклучи се – Кликни Безбедно!
 
1