
Во среда (11.05) на ФИНКИ се одржа дебата на тема „Приемен испит на ФИНКИ: Да или Не?“.Реализацијата на оваа дебата беше во рамките на часот по предметот Медиуми и комуникации и беше организирана од страна на четворица студенти кои имаат проект со истоимена тема. На дебатата присуствуваа професори и студенти, каде отворено дебатираа на оваа тема, дискутираа за потребата од постоење на ваков испит, какви промени би донел истиот, како и за општите насоки за факултетот.
Во овие час и половина се дебатираше околу потребата од воведување на приемен испит, па така, и студентите и професорите ја имаа можноста да го искажат своето мислење на оваа тема и да се чујат аргументите и на двете страни. Исто така се зборуваше дали ваквиот испит ќе донесе некакви промени и кои би биле тие, како и дали е потребно да се прави класификација на студентите при упис од ваков вид, или доволна е класификацијата направена со матурскиот испит. Доведена беше во прашање и тезата квалитет наспроти квантитет, односно дали воведувањето на приемниот испит и намалувањето на запишани студенти во прва година ќе доведе до организирање на поквалитетна настава и кадар.
Кажани беа различни мислења и различни аргументи, некои сметаа дека треба да се воведе приемен испит за да може во прва година да се примат поспремни ученици и ученици кои уште пред уписот на факултет се насочиле и посветиле внимание кон учење на оваа област, други пак дека со приемниот испит ќе им се скрати можноста на оние ученици кои немаат големо предзнаење, но желба за работа во оваа област. Кон крајот се дојде до заклучокот дека воведувањето на приемниот испит нема да доведе до решавање на сите постоечки проблеми, но дека голем дел од нив потекнуваат од многу порано, односно од основното и средното образование. Оваа дебата отвори и други клучни прашања и беше оставен простор за нивно понатамошно дискутирање во некоја наредна ваква прилика.
Настаните од ваков тип се од големо значење за сите засегнати страни, бидејќи постои можност за отворена дискусија помеѓу професорите и студентите за теми од клучно значење, со тоа што секој ја добива можноста да биде чуен неговиот глас, и да има удел во заедничкото градење на нашата иднина.