Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство Скопје во состав на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје распишува конкурс за избор на демонстратори за учебната 2025/26 година.
Критериуми за избор
За да биде избран демонстраторот треба да ги исполнува минималните критериуми предвидени во Законот за високото образование, Правилникот за посебните услови и постапката за избор во наставно-научни, научни, наставно-стручни и соработнички звања и демонстратори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Посебните критериуми за избор на демонстратори донесени од Наставно научниот совет на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и тоа:
- За демонстратор може да биде избран студент кој ги има завршено студиите од прв циклус студии по ЕКТС со освоено 240 ЕКТС кредити на соодветна студиска програма од областа, согласно Уредба за утврдување на научно-истражувачките полиња од трето ниво (области) (сл. Весник бр. 91/2024) и тоа сите области од научното поле 1.02 ( Компјутерски науки, информациски науки, образование во информатика и др.) и од научното поле 2.02 областа 2.02.00.14 (Компјутерска техника, информатика и роботика) односно области од наставно научните подрачја 110 ОЕЦД - информатика и 212 ОЕЦД компјутерска техника и информатика по квалификација на ОЕЦД (Сл. весник 103/2010) со просечна оценка од најмалку 8,50.
Како критериум за избор се зема:
- учество од 85% на просекот на завршени додипломски студии
- просекот се коригира со фактор согласно рангирањето на универзитетот
- 15 % од интервју
Обем, надоместок и траење на ангажманот
Демонстраторите согласно потребата ќе бидат ангажирани за дежурање и одржување на аудиториски и лабораториски вежби со максимално оптоварување од 12 часа вежби. За целосен максимален ангажман на демонстраторот му следува надоместок во максимален износ од 36.000,00 денари нето месечно.
Факултетот може да избира демонстратори од индустрија кој ги исполнуваат минималните законски услови. Демонстраторите од индустрија можат да имаат максимален ангажман од 4 часа вежби и ќе добијат 30% попуст на магистерските студии или еквивалента исплата.
Работното време е 40 работни часа во текот на неделата согласно распоред на настава и други дополнителни работни задачи.
Демонстраторите се избираат до завршетокот на учебната 2025/26 година.
Кандидатите треба да достават:
- Пријава за позицијата за која аплицираат (демонстратор или демонстратор од индустрија)
- Број на индекс од додипломски (за студенти на ФИНКИ) или Уверение за дипломирање од прв циклус студии за студенти кои завршиле на друг факултет
- Краткa биографија (CV) со контакт телефон и eмаил адреса
- Број на индекс од втор или трет циклус студии на ФИНКИ или изјава дека ќе се пријават на втор или трет циклус на студии на ФИНКИ во првиот уписен рок
- Избор на групи од предмети на кои се пријавува (подредени по приоритет). Групирањето на предметите е достапно на следниот линк.
Заинтересираните кандидати треба сите документи да ги испратат на емаил адресата arhiva@finki.ukim.mk најдоцна до 02.10.2025 до 23:59.