Резултати од пребарување

Почитувани,

Во врска со конкурсот за запишување на студенти на прв циклус на студии во учебната 2020/2021 на ФИНКИ ви ги праќаме следните информации:

Сите документи потребни за конкурсот треба да ги прикачите на системот за пријавување iknow.ukim.mk. Документите можете да ги прикачувате и пред деновите означени за прием на документи со оглед на тоа што поднесувањето е преку системот за уписи.

Крајниот рок за прикачување на документите е 1.9.2020 до 14:00.

Од утрото на 31.8.2020 комисијата за упис веќе ќе започне со процесирање на кандидатите чии документите до тогаш биле комплетно прикачени на системот. После почетокот на процесирањето на еден кандидат, можноста за измени во пријавата и можноста за прикачување на нови документи за тој кандидат престанува.

Во оваа фаза нема да се носат документи со физичко присуство на факултетот, туку документите се предаваат исклучиво преку електронскиот систем.

Доколку бидете примени на некоја од насоките на факултетот, оригиналните документи од конкурсот и документите потребни за упис, ќе ги доставите за време на датумите за упис на посебните шалтери кои ќе бидат отворени на ФИНКИ. Универзитетскиот пријавен лист, како и интерниот пријавен лист, при конкурирањето се печатат од системот и се потпишуваат, скенираат и прикачуваат на системот. Овие документи во оригинал ќе се носат за време на уписот (10-11.9.2020), откако ќе бидат објавени резултатите од конкурсот.

При изборот на значајни предмети морате да одберете два од предметите кои се значајни за ФИНКИ по ваш избор: математика, информатика, основи на електротехника или физика. Доколку имате избрано друг предмет, истиот ќе биде заменет со еден од значајните предмети кои ги имате во свидетелствата.

Friday, August 28, 2020
Сите студенти кои своите студии сакаат да ги продолжат на ФИНКИ тоа можат да го направат во периодот од 02.09.2020 до 10.09.2020 година. 
 
Потребни документи:
Молба за префрлување
Уверение за положени испити
Наставни планови
Уплатница  на сметката на ФИНКИ на 2000 МКД, со назнака за префралање од друг факултет (согласно ценовникот на ФИНКИ)
 
Услови:
Студентите кои се префрлаат од факултетите на УКИМ продолжуваат да студираат во истата квота од која се префрлаат.
Студентите од други универзитети можат да ги продолжат студиите во квота со кофинансирање.
Поднесувањето на документите се врши електронски, односно сите потребни документи скенирани се праќаат на arhiva@finki.ukim.mk од 02.09.2020 до 10.09.2020 година.
Хартиени документи ќе се доставуваат по конечност на решенијата.
 
Комисија за префрлање ќе ги разгледа сите пристигнати барања и ќе изготви решенија за префрлање. Сите студенти кои ќе добијат позитивно решение и кои се согласуваат со истото, ќе треба да се испишат од матичните факултети и запишат на ФИНКИ, во периодот до 26.09.2020.
 
При запишувањето, студентите треба да донесат:
Матични документи (свидетелства, дипломи, извод од матична книга на родени и уверение за државјантство)
Исписница од преходниот факултет
Пријава за запишување (образец А1)
Индекс и две слики
Уплатница на сметката на ФИНКИ во износ од 400МКД за секој од признаениете предмети според решението (согласно ценовникот  на ФИНКИ) (на пример, за 3 признаени предмети, потребно е да се уплатат 3x400МКД, односно 1200МКД). Исклучок од ова се студентите кои на ФИНКИ преминуваат од ПМФ - студии по информатика или ФЕИТ, бидејки кај нив предметите се пресликуваат во истите наставни програми на ФИНКИ. 
По процесирање на индексот од страна на ФИНКИ, студентите ќе треба да го запишат зимскиот семестар во рокот предвиден за тоа. 
Friday, August 28, 2020
Сите студенти на ФИНКИ кои сакаат да направат промена на студиската програма, согласно одлуката на ННС на ФИНКИ, истото можат да го направат во периодот 02.09.2020 до 10.09.2020 година.
Молбите за промена на студиската програма се поднесуваат преку системот за молби http://molbi.finki.ukim.mk.
 
По одобрување на молбата студентите треба да го испечатат и потпишат документот кој ќе го добијат на емаил и заедно со уплатница 1000МКД на сметката на ФИНКИ со назнака за промена на студиска програма (согласно ценовникот на ФИНКИ ) да ги скенираат и електронски да ги пратат на studentski@finki.ukim.mk најдоцна до 20.09.2020 година.
 
 
 
Friday, August 28, 2020

Почитувани студенти,

Ве известуваме дека студентска служба за време на уписите на нови студенти (31.08 и 01.09.2020) ќе работи од 12:00 до 14:00 часот. Студентите кои немаат итна потреба се препорачува да дојдат од 02.09.2020 (среда) кога студентската служба ќе работи со редовно работно време.

Sunday, August 30, 2020
Почитувани, ве известуваме дека рокот за запишување на кандидати е продолжен до 9.9.2020 година.
 
Запишувањето на кандидатите ќе се врши онлајн преку електронската пошта obuki@finki.ukim.mk.
 
Повеќе информации за обуките можете да најдете на https://obuki.finki.ukim.mk
 
ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ПРИ ЗАПИШУВАЊЕ
 
1. Пополнет формулар за запишување на обуката кој може да се најде на линкот.
2. Изјава за користење на лични податоци која може да се најде на линкот.
3. Доказ за извршена уплата на прва рата од сумата за обуката за која конкурира кандидатот. Првата рата изнесува половина од сумата која е предвидена за обуката. Кандидатите кои имаат добиено ваучер од Владата на РСМ, наместо првата рата треба да го приложат ваучерот добиен од владата и да го доплатат остатокот до половина од сумата доколку цената на обуката изнесува над 60.000,00 денари.
 
Уплатите за ФИНКИ се вршат на следната жиросметка 
Назив на примачот: Буџет на РМ - ФИНКИ – Скопје
Банка на примачот: НБРМ
Сметка: 100000000063095
Сметка на буџетски корисник:  160016170078813 
Приходна шифра: 723011
Програма 41
 
uplatnica_1.jpg
 
Документите кои се пратени преку електронската пошта, дополнително ќе треба да се донесат во архивата на ФИНКИ во термин за кој ќе бидете лично контактирани.
Wednesday, September 2, 2020

Објавена е листа на пријавени кандидати за упис на ФИНКИ во првиот уписен рок за академската 2020/2021 година. Листата можете да ја најдете на следниот линк.

По објавувањето на листата на пријавени кандидати за запишување во прва година, почнувајќи од 03.09.2020 од 19:00 часот, најдоцна до 04.09.2020 до 19:00 часот може да се достави приговор за технички пропусти.

Техничките пропусти се однесуваат на:

Печатна грешка на основен избор на студиска програма, избор со кофинансирање, избор на специјални услови или редослед на студиски програми

Погрешно пресметани поени (заради соодветност на предмети, тип на матура и сл.)

Приговорите се доставуваат со пополнување и потпишување на образецот, кој треба да се испрати по електронска пошта на upisi-finki@ukim.edu.mk.

Кандидатите кои не се во објавениот список се сметаат за одбиени заради некомплетно прикачени или доставени документи.  

Thursday, September 3, 2020

Објавени се одговори на приговорите за технички пропусти по објавената листа на пријавени кандидати со успех од средно образование во учебната 2020/2021 година од првиот уписен рок. Одговорите можете да ги најдете на следниот линк.

Saturday, September 5, 2020

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во периодот од 16-ти септември до 30-ти септември 2020, организира подготвителна настава по математика и програмирање. Подготвителната настава се организира со цел да им помогне на новите студенти полесно да ја следат наставата по предметите од математика и програмирање во првата година на студирање на сите наставни насоки.

Подготвителната настава претставува одлична можност студентите да увидат кои предзнаења се неопходни за совладување на курсевите од првите семестри, им овозможува полесно вклопување во образовниот процес, како и освежување и надополнување на знаењето од математика и програмирање.

Наставата ќе се организира доколку се пријават доволно студенти за формирање на група за секој од двата курса.

Предвидено е дневно да се реализираат по 6 часа настава и вежби во групи од по 18 до 32 студенти. Наставата ќе се реализира со почеток од 9 часот и со поголема пауза помеѓу првиот и вториот блок од 3 часа, за да се овозможи време и за дополнително самостојно вежбање на изучените концепти, со што ќе биде обезбедена и соодветна платформа за далечинско учење. Наставата ќе се изведува онлајн.

Курсот по математика ќе се реализира во текот на 6 дена (40 часа), додека курсот по програмирање ќе се реализира во текот на 5 дена (20 часа). Цената за следење на курсот по математика изнесува 4000 денари. Цената за следење на курсот по програмирање е 2000 денари.

Студентите кои планираат да следат некој од курсевите (или двата) треба да се пријават најдоцна до четврток, 10.9.2020 до 16 часот преку пополнување на следнава форма

Подетални информации околу подготвителната настава може да добиете на следната електронска адреса: podgotvitelna@finki.ukim.mk.

Сите студенти кои се пријавиле за следење на наставата во предвидениот рок, ќе бидат известени најдоцна до петок, 11.9.2020 до 15 часот со порака на е-адресата која ја внеле во пријавата, дали се активирани групите и дали наставата ќе започне.

Во продолжение следат кратки содржини на материјалот за подготвителната настава по математика и програмирање.

Наставата по математика опфаќа значајни делови од материјалот изучуван во основно и средно образование.

Опис на темите кои ќе се обработат:

Тема 1: Основни бројни множества. Алгебарски и рационални изрази
Основни бројни множества. Природни броеви: преглед на операциите и законите, прости и заемно прости броеви, деливост. Бројни системи, декаден и бинарен броен систем. Цели броеви: преглед на операциите, подредување.  Рационални броеви: преглед на операциите со дропки, децимални броеви, бесконечни децимални броеви. Реални броеви: поим, геометрископретставување, подредување. Алгебарски и рационални изрази: степен со показател природен број, операции со степени. Цели рационални изрази, мономи, полиноми, операции, разложување на множители, НЗС и НЗД. Дробно рационални изрази: поим и операции.

Тема 2: Линеарна функција, линеарни равенки и неравенки. Систем линеарни равенки
Линеарна функција, линеарни равенки и неравенки. Правоаголен координатен систем во рамнина. Реална функција: дефинициона област, множество вредности. Линеарна функција, тек и график. Линеарна равенка со една непозната: решавање, дискусија и примена. Линеарна неравенка со една непозната. Систем линеарни равенки: систем од две линеарни равенки со две непознати, еквивалентност. Методи за решавање систем од две линеарни равенки со две непознати. Решавање систем линеарни неравенки со една непозната. Апсолутна вредност на реален број. Равенки и неравенки со апсолутни вредности.

Тема 3: Квадратни равенки и неравенки, степени и корени
 Квадратни равенки: решавање на полна квадратна равенка, решавање на неполна квадратна равенка, дискусија на решенијата на полна квадратна равенка. Квадратна функција (својства и график) и квадратна неравенка со една непозната.  Степени и корени: степен со показател цел број, корен (поим, проширување и скратување), коренување на производ и количник, степенување и коренување на корен, нормален вид на корен, ирационални изрази.  Рационализација на именител на дропка. Степен со показател рационален број.

Тема 4: Логаритамски функции. Тригонометриски функции
 Логаритамска функција, правила за логаритмирање, врски меѓу логаритми со различни основи. Тригонометрија: тригонометриски функции од остар агол, врски меѓу тригонометриските функции од ист агол, вредност на тригонометриските функции за некои агли, решавање на правоаголен триаголник, дефиниции на тригонометриските функции (синус, косинус, тангенс и котангенс) од произволен агол, вредност на тригонометриските функции од произволен агол.

Тема 5: Математичка логика
Искази. Операции со искази и вистинитосни таблици. Исказни формули и тафтологии. Преведување на реченици од говорен јазик во логички исказни формули.  Исказни функции: поим и решение на исказна функција. Квантификатори. Аксиоми, теореми, докази. Докажување на едноставни математички задачи.

Тема 6: Множества. Комбинаторика
Множества. Подмножества и еднаквост на множества. Oперации со множества. Индукција.
Комбинаторика: комбинации, пермутации, варијации. Биномна формула.
 

Наставата по програмирање опфаќа значајни делови од материјалот изучуван во средно образование, а вклучува и методи за полесно совладување на алгоритамските концепти.

Тема 1: Алгоритми и програмирање
Поим за алгоритам. Разгледување едноставни алгоритми и изработка на пример алгоритми. Начини за совладување на алгоритамските концепти. Алатки за почетничко програмирање.

Тема 2: Интегрирани околини за развој. Code::Blocks
Програмирање. Елементи на околините за програмирање: преведувач, поврзувач, дебагер, библиотеки со стандардни функции. Code::Blocks: инсталација, опис на изгледот на околината: главен прозорец, работна површина. Креирање на нов проект и додавање на изворна датотека во проект. Изградба и извршување на проект.

Тема 3: Вовед во програмскиот јазик C
Синтакса на C: азбука, зборови, посебни симболи и коментари. Претпроцесор и заглавишни датотеки (анг. header files). Вклучување на датотека со директивата include. Типови на податоци во C: основни (char, int, float, double). Изрази и искази во C. Променливи и нивно декларирање. Структура на програмите во C. Оператори во C: аритметички, за доделување, инкремент и декремент (префиксен, постфиксен), релациони, логички оператори. Влезно излезни операции: printf и scanf. Примери на едноставни C програми.

Тема 4: Редоследна структура. Изработка на едноставни програми
Редоследна структура, блок од наредби. Празна наредба. Изработка на едноставни C програми.

Тема 5: Контролни структури. Наредби за избор
Контролни искази: наредби за избор, наредби за повторување и наредби за скок. Наредби за избор: if, if-else и switch. Вгнездување на if наредби. Примери на C програми со примена на наредбите за избор.

Тема 6: Наредби за повторување
Наредбата while – реализација на контролната структура додека-извршувај. Примери за примена на наредбата while. Наредбата do-while – реализација на контролната структура повторувај-додека. Примери за примена на наредбата do-while. Наредбата for – реализација на контролната структура за-до-чекор. Примери за примена на наредбата for. Наредби за скок: break и continue.

Тема 7: Еднодимензионална низа
Низите како податочни структури. Декларирање на низа. Пристап до елемент на низа – индекси на елементи.  Иницијализација на низа. Примери на C програми со примена на низи.

Тема 8*: Текстуални низи
Претставување на текстуални низи во C. Визуелно претставување на меморија зафатена од тектуална низа. Доделување на вредност на тектуална низа. Читање и прикажување на текстуални низи. Добивање на знак од текстуална низа. Менување на дел од текстуална низа. Поминување низ текстуална низа и определување на нејзината должина. Некои корисни функции во C за работа со текстуални низи: strlen(), strcpy(), strcat() и strcmp(). Примери на C програми со примена на стрингови.         

(* ќе биде делумно реализирана, во зависност од постигнувањата на студентите во претходните теми)

Saturday, September 5, 2020

Објавени се прелиминарни ранг листи за првиот уписен рок за академската 2020/2021 година.

Поднесувањето на приговор за прелиминарната ранг листа на пријавени кандидати во прв уписен рок ќе се врши од 05.09.2020 од 12:00 часот до 07.09.2020 до 10:00 часот.

Приговорите се доставуваат на електронската пошта upisi-finki@ukim.edu.mk со наслов на пораката: PRIGOVOR[ID] каде што ID претставува бројот на пријавата за која се однесува приговорот.

Сите  кандидати  кои НЕ се  рангирани или сакаат да го променат или дополнат изборот на студиските  програми или начинот на студирање  (државна квота  или кофинансирање) имаат можност да се  доизјаснат за студиски програми во кои има слободни места и да бидат рангирани на студиска програма која не е целосно  пополнета. Новото рангирање ќе биде  направено  без притоа да се промени редоследот на претходно рангираните кандидати. Промената на изборот на студиската  програма или начинот на студирање  се  прави со пополнување  на  Изјава за  дополнување  или  промена на избраните студиски  програми.

Изјавите за дополнување или промена на избраните студиски програми (запишување на студиска програма на која има слободни  места) или менување  на изјава  за  студирање во квота со кофинансирање ќе се примаат на електронската пошта upisi-finki@ukim.edu.mk најдоцна до 07.09.2020 до 10:00. Во насловот на пораката треба да стои IZJAVA[ID] каде што ID претставува бројот на пријавата за која се однесува изјавата.

Saturday, September 5, 2020

На линкот се поставени решенијата на приговорите за технички пропусти по објавената прелиминарната ранг листа на кандидати во учебната 2020/2021 година (прв уписен рок).

Monday, September 7, 2020