
Тимот на УКИМ, поддржан од FINKI CIRT, го истакна својот потенцијал на годишниот Hack the Box натпревар
Еден од последните викенди оваа година, дел од студентите на ФИНКИ, кои се вистински ентузијасти за теми поврзани со сајбер безбедноста, решија да го искористат за да учествуваат на годишниот Универзитетски Hack the Box натпревар кој се одржа од петок 13ти декември до недела 15ти декември. На натпреварот, кој оваа година се одвиваше под темата Binary Badlands, тимот на УКИМ поддржан од FINKI CIRT броеше 24 члена. Колегите поголемиот дел од трите дена на натпреварот го поминаа на факултетот решавајќи предизвици од повеќе категории: pwn, full-pwn, crypto, reversing, web, forensics, blockchain и coding. При тоа, успеаа да најдат 35/49 знаменца, односно да решат 22/34 предизвици. Со ова тимот се пласираше на високото 81-во место во конкуренција од 1128 универзитети.
FINKI CIRT ги поздравува сите членови на UKIM тимот и им честита на успехот во кој значително придонесоа и одличната тимска работа и координација. Се надеваме дека овој настан е прв во низата на активности кои ќе им помогнат на студентите поблиску да се запознаат со предизвиците од областа на сајбер безбедноста.
Ви посакуваме година со беспрекорна сајбер заштита, непробојни заштитни ѕидови и силни лозинки. Среќна Нова 2025!