
Програмата за стипендии за постдипломски студии од областа на техничките науки, која е дел од билатералниот договор за поголема мобилност на младите потпишан помеѓу владите на Франција и Македонија, ќе се реализира и оваа година, трета по ред.
Заинтересираните кандидати треба да имаат завршено прв циклус на студии (да бидат дипломирани) и пожелно е да имаат завршено една година постдипломски студии (или да се во тек со постдипломските) за да можат да се запишат на некоја од елитните школи за инженери од мрежата 'n+i', или пак на некој од француските универзитети.
Запишувањето на школите од мрежата 'n+i' се прави преку електронска апликација на интернет страницата http://www.nplusi.com/. Краен рок за пријавување е 11.03.2012 година.
Запишувањето на француските универзитети најчесто се одвива преку директен контакт со универзитетот, а роковите се различни во зависност од факултетот и програмата.
Пожелно е кандидатите да имаат солидни познавања од францускиот јазик, меѓутоа француските школи за инженери нудат и програми на англиски јазик.
Стипендијата ги покрива сите, освен патните трошоци: пречек на аеродром, 4 дена организирано разгледување на Париз, 7 неделен интензивен курс по француски јазик, трошоци за школарина, студентско здравствено осигурување, месечен износ за останати животни трошоци.
За подетални информации околу програмата, заинтересираните можат да се обратат во Одделот на CampusFrance во Францускиот културен центар т.е. Францускиот институт.
Прилог: Брошура со информации за контакт.
