Ни претставува особена чест и гордост да објавиме дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство се избрани за официјален CUDA Teaching Center од страна на NVIDIA, која е светски лидер во визуелното процесирање и процесирањето со високи перформанси.
 
CUDA преставува архитектура од NVIDIA за паралелно пресметување, која овозможува драматични зголемувања на компјутерските перформанси со искористување на моќта на графичките пресметковни единици (GPU - Graphics Processing Unit).
 
CUDA Teaching центрите се признаени институции кои ги имаат интегрирано GPU компјутерски техники во нивната главна наставна програма. CUDA Teaching Center Program преставува прва програма од ваков вид која ги признава ваквите образовни институции.
 
Со овој избор, Универзитетот станува дел од една голема и силна заедница од повеќе водечки институции посветени на компјутерско образование и истражување во полето на GPU.
 

Како дел од CUDA Teaching Center програмата, NVIDIA ќе донира GPU опрема на ФИНКИ како неограничен подарок за поддршка на универзитетските наставни напори. Опремата ќе се користи од страна на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство како дел од новата лабораторија , која ќе им обезбеди на своите студенти пристап до најнапредните технологии. Лабораторијата ќе се користи за наставни и истражувачки активности во областа на CUDA C/C++ GPU пресметување, GPGPU и паралелно програмирање.