Реакција на обраќањето на деканот на ФЕИТ, објавено на официјалната веб страница на ФЕИТ

За жал, и покрај многубројните обиди во текот на претходниот месец да бидат отстранети невистините од овие обраќања, немаше слух и желба тоа да се направи. Поради невистините во овие обраќања, голем број од студените на студиските програми ИКИ и ИНФО, како и нивните родители, беа донесени во заблуда во однос на нивните права и можности за студирање.
 

Затоа чувствуваме потреба да го истакнеме следново:

Дипломи: Дефинитивно на ФИНКИ ќе ги добиете истите стручни називи во дипломите

Во поглед на дипломите во обраќањето на деканот на ФЕИТ се тврди дека: „Други факултети од УКИМ (се мисли на ФИНКИ) не можат да издаваат иста таква диплома (се мисли на Дипломиран инженер по електротехника и информациски технологии, специјалност Информатика и компјутерско инженерство)“.

За оваа тврдење, на 15.04.2011 год. Министерството за образование и наука го испрати својот официјален став за спроведување на законот. Заклучокот од официјалниот став е: „... стручните називи кои ќе ги добиваат студентите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство со завршување на пренесените студиски програми ќе бидат исти со стручниот назив на истите студиски програми кои се изведуваат на Природно-математичкиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје“. (интегрален текст од мислењето на МОН)

Студентите кои ќе завршат на ФИНКИ на студиската програма ИКИ во дипломата ќе добијат стручен назив: Дипломиран инженер по електротехника и информациски технологии, специјалност Информатика и компјутерско инженерство, додека оние на студиската програма ИНФО назив: Дипломиран инженер по информатика.

Оваа информација беше достапна до деканот на ФЕИТ, но тој, и по повеќе укажувања, одби да направи корекции. Ова претставува директен обид за кршење на законите во Р. Македонија и саботирање на процесот на креирање на ФИНКИ. 
 
Држење на настава: Наставниот кадар на ФИНКИ ќе држи настава само во организација на ФИНКИ

Во поглед на држењето на наставата во обраќањето се тврди дека: „Наставата на студиските програми ИКИ и ИНФО на ФЕИТ и понатаму ќе ја изведуваат наставниците кои и досега ви предаваа. Во случаите кога некој од нив нема да биде во можност да предава и на ФЕИТ, ќе биде ангажиран друг соодветен професор.“

За ова досега не бил постигнат никаков договор, и објавувањето на овие информации го сметаме за големо непочитување на ФИНКИ. Наставниот кадар на ФИНКИ ќе држи настава само во организација на ФИНКИ.
 
Потпишување на обраќањето со Наставниците на ФЕИТ: Наставниците од ИКТИ не стојат позади текстот од обраќањето
 

Под изјавата беа потпишани сите наставници од ФЕИТ со што се добиваше впечаток дека сите, вклучувајќи ги и оние кои преминале на ФИНКИ, стојат зад изјавата. За ова имаше официјална реакција од Институтот за КТИ, но промената се направи дури пред неколку дена по остра реакција на дел од професорите. (интегрален текст од реакцијата на ИКТИ)

Доверба: За жал, вака не може да се гради доверба

Ваквите невистини, кои се објавуваат пред било што да биде договорено и пред да се добијат официјални толкувања и информации, всушност ја поткопуваат последната поента од обраќањето: „Имавте доверба во ФЕИТ кога се запишувавте, имајте ја и сега!“

Тоа е доверба која и ние сме ја граделе и која за жал со ваквите изјави се урива.

Се надеваме дека со оваа реакција ќе се расчистат сите нејасности и ќе им се овозможи на студентите да добијат појасна слика за тековните случувања.