Почитувани студенти,

Согласно член 63 и 64 од Правилникот за студирање на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, студентите имаат право да ги завршат студиите во рок кој е двојно подолг од предвиденото времетраење на студиската програма. Во согласност со оваа одредба и со цел усогласување со актуелните студиски програми, Ве известуваме за следните промени:

 

Укинување на предмети од постарите акредитации

Од учебната 2025/2026 година, ќе бидат укинати сите предмети од студиските програми акредитирани во 2011 и 2013 година, вклучувајќи ги и оние наследени од ФЕИТ и ПМФ. Студентите запишани по овие акредитации, кои сè уште не ги завршиле студиите, задолжително треба да поднесат барање за префрлување на студиската програма акредитирана во 2023 година.

 

Префрлување на студенти од акредитацијата 2018

Со почеток од септември 2026 година, ќе бидат укинати предметите од прва година (со код F18) од акредитацијата 2018. Студентите од оваа акредитација кои имаат неположени предмети од прва година се должни да поднесат барање за премин на студиската програма акредитирана во 2023 година.
Во наредните учебни години, предметите од втора година и понатаму од акредитацијата 2018 ќе бидат укинувани последователно (втора година во 2027 година, трета во 2028 година и четврта во 2029 година).

 

Поднесување на барања за префрлување

Барањата за префрлување на поновите студиски програми се веќе отворени. Ве охрабруваме да ги поднесете Вашите барања навремено, со цел да се овозможи поефикасна подготовка на еквиваленциите и непречено продолжување на студиите.