Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и Славе Јовановски, постар софтверски инженер во YouTube, договорија соработка за препорака на најдобрите студенти од Факултетот за пракса во Google.
 
Согласно договореното, ФИНКИ секоја година ќе прави интерна селекција на заинтересираните студенти од завршните студиски години. Најдобрите од нив ќе бидат препорачани за пракса во Google од страна на Славе Јовановски.
 
Ваквата препорака од страна на вработени во Google ги зголемува шансите кандидатите да го добијат своето прво интервју. 
 
Стандардниот процес на аплицирање за студентски пракси во Google го започнуваат милиони студенти и инженери од целиот свет. По првичните селекции врз основа на испратените CV-а, бројот на потенцијални практиканти значително се намалува и кандидатите кои ја поминале селекцијата го започнуваат процесот на интервјуирање. По завршувањето на овој процес некои од нив добиваат можност за пракса во Google и работа на реални проблеми. Досегашните искуства покажале дека ваквите пракси неретко преминуваат во вработувања. Моментална работна позиција на Славе Јовановски отвара интересни можности и за студентите на ФИНКИ. Имено, еден од многуте благодети и одговорности што ги имаат вработените во Google е тоа што нивната препорака со голема веројатност им овозможува добивање на прво интервју на кандидатите. Понатаму, сѐ зависи од способностите и квалитетите на самиот кандидат.
 
За праксите во текот на летните месеци на 2012 година, овој процес Факултетот ќе го спроведе на почетокот на зимскиот семестар. Дополнителни информации за процедурата за пријавување ќе бидат објавени наскоро на веб страната на ФИНКИ. 
 
Славе Јовановски околу три години работи во YouTube на позицијата постар софтверски инженер и е технички лидер на повеќе проекти. Неговиот исклучителен талент и напорната работа го движеа со голема брзина од средношколските клупи во Радовиш, преку стипендираното студирање на Универзитетот во Охајо, САД, до вработување во VeriSign, по што беше регрутиран од агенти на Google за работа во YouTube.