Скопскиот хаклаб КИКА организира шест-неделен курс за дизајнирање на компјутер. Преку градење на едноставни логички кола, од 14 октомври до 18 ноември 2014 година, во КИКА, заинтересираните студенти ќе изработуваат 16-битен процесор со 32KB RAM и 28 инструкции!

Курсот е базиран на популарниот курс Nand2Tetris, еден од првите курсеви кои се појавија на Coursera. Неговата цел е да ги запознае студентите со суштината на компјутерските системи, основните принципи на кои што се базираат.

Првиот дел од Nand2Tetris, односно првите пет глави од книгата (кои се опфатени со курсот) се фокусираат на дизајнирање на процесор, додека во следните седум студентите пишуваат нивен програмски јазик, компајлер, базичен оперативен систем и - конечно - игра која ќе се извршува на инфраструктурата која самите ја изградиле.

„Дизајнирање на компјутер, од нула!“ е наменет за сите студенти на CS, но особено е корисен за две групи: оние на почетокот на студиите и оние пред самиот крај. На почетокот им нуди перспектива на темите што следуваат, додека на крајот го сумира стекнатото знаење.

Повеќе информации за курсот можете да најдете на http://dkn.spodeli.org/.

Пријавувањето е во тек!